JD: АРМ со поголем буџет за зголемено учество во странски мисии

Планот за забрзување на интеграцијата на Македонија во НАТО предвидува зголемување на воените трошоци и модернизација на АРМ која треба да го зголеми своето учество во меѓународните мисии предводени од САД, пишува специјализираниот магазин за воени и безбедносни прашањa “Janes Defence“.



Магазинот го пренесува говорот на премиерот Заев даден за време на посетата на американскиот потпретседател Мајк Пенс Подгорица во кој се вели и дека земјата инвестира енергија во меѓународната соработка и отворање кон соседите.

Според магазинот Македонија во моментов има воен буџет во висина од 101 милиони евра  што претставува 1,1 % од националниот БДП што е малку за сериозна модернизација на вооружените сили.

Авторите на текстот на “Janes Defence“ пишуваат дека модернизацијата на АРМ започнала во 2014 година од конзервативната влада на ВМРО – ДПМНЕ кога биле алоцирани 200 милиони евра за неколкугодишна програма за неколку различни проекти во кои требало да се набави ново и да се модернизира старото оружје, претежно од руско производство.

Планот за модернизација на АРМ предвидувал надоградба на хеликоптерите МИ-8/17, обнова на тенковите Т-72, како и набавка на воени транспортни возила, хаубици и софистицирана опрема за специјалните сили.

Во план било и подобрување на системите за надгледување на небото над Македонија како и набавка на ракетни системи со дострел до 3000 метри, пишува американскиот специјализиран магазин.