На едночасовен предупредувачки протест пред Основниот Кривичен суд во Скопје, судската администрација побара зголемување на платите и дотадоците најмалку од 25 отсто до донесување на законот за судска служба.



„Со донесувањето на одлуката на Уставниот суд со која се одмрзнаа платите на фунцкионерите и нивното зголемување за 78 отсто, платите на судската администрација останаа на многу ниско ниво.

Јазот меѓу платите на судиите и платите на судската администрација се зголеми за повеќе од три пати. Ова ниво никогаш не било вака и никогаш судската администрација немала толку ниски плати во споредба со судиите“ изјави претседателот на Здружението на судска администрација, Борче Мирчески.

Според него судската администрација не добила зголемување на платите од 15 проценти како што било кажувано во јавноста, туку додатоците што ги добивале од 2019 година им биле прелеани во плата, но и дека номиналниот износ бил помал.

Барањето судските службеници да добиваат додатоци во висина не помала од 25 отсто, било разгледано на седницата на Судскиот буџетски совет на 7 јуни, кога бил донесен заклучок дека не може да биде прифатено поради немање средства во буџетот.

„Немањето средства било по исплаќање на зголемените плати на судиите и сега немало можност да се зголемат платите на судските административци. Револтот кај судската администрација е многу голем, а тоа ќе се покаже и на денешниот протест, но ние треба да бидеме внимателни бидејќи на штрајкот од пред неколку години на сите што учествуваа им беа скратени 40% од платите, истакна Мирчески.

Платите на 95 од судските службеници, според него, се пониски од просечната плата на државно ниво, односно се движат од минималната до 36.000 денари.