„Слушај ме што ти зборувам, ама не гледај што правам“. Оваа реченица совршено го опишува односот на Владата кон граѓаните во Македонија, особено откако во изминатиов период дел од министрите започнаа активно, преку патетични примери, да го советуваат народот како да штеди струја во текот на зимата, а од друга страна, пак, вчера се појави информацијата дека токму Владата, во овој период на криза, ќе потроши 20.500 евра за набавка на свежа и замрзната риба, октопод и морски плодови – пишува Плусинфо и продолжува:
Мислење за ваквиот циничен потег на Владата побаравме од неколку универзитетски професори, политички експерти, граѓански активисти и колумнисти, а аналитичарот Синиша Пекевски погоди директно во целта со прашањето: „Како јас да се туширам со студена вода за да заштедам електрична енергија ако знам дека во истиот тој момент министрите грицкаат ракчиња и шмукаат школки?“
Според, него, сѐ што прави Владата е декларативно.
– Ако Владата навистина сака да штеди, постојат милион начини како да го стори тоа. На пример, нема секојдневно беспотребно да вработува нови луѓе. Нема секојдневно да се организираат разни настани за коишто се фрлаат огромни пари. Министрите и премиерот нема да се возат со десет автомобили од Карпош до Аеродром, туку ќе се возат само со еден. Нивното обезбедување нема да се вози со пет автомобили, туку само со еден. Ова се најобични и највоочливи примери преку кои се прикажува расипништвото на Владата. Затоа, во вода паѓаат сите нивни патетични повици и молби со кои се бара од граѓаните да штедат електрична енергија. Како јас да се туширам со студена вода ако знам дека во истиот тој момент министрите грицкаат ракчиња и шмукаат морски школки? Лицемерно е, а ним воопшто не им е грижа што мисли и како се чувствува народот. Ако се секираа за потребите на граѓаните, тие сосема поинаку ќе го менаџираа целиот процес – ни изјави Пекевски.
Колумнистот Богдан Илиевски-Бетмен Велит во разговор за Плусинфо вели дека воопшто не би го чудело доколку властите им препорачаат на земјоделците да посадат морски плодови за да им тргне бизнисот, бидејќи, како што објаснува, нашата Влада ги гоштева странските делегации строго со морско, а на саеми се фали дека сме пораснале на ајвар и на сирење.
Целиот текст на следниот линк:
https://plusinfo.mk/nie-e-se-tushirame-so-vlazhni-maramchi-a-a-tie-e-grickaat-oktopodi-na-gra-anite-im-se-gadi-od-morskite-plodovi-na-vladata/





