Следната недела во Националниот прес-клуб на Бугарската Телеграфска Агенција во Софија ќе се формира нов клуб на Бугарско – Македонско пријателство.
Меѓу основачите на клубот од бугарска страна се писателите Алек Попов и Чавдар Ценов, универзитетските професори Александар Ќосев, Ивајло Дичев и Маја Грекова, новинарите Бојко Станкушев, Иво Беров и Димитар Кенаров, експертот за одбрана Велизар Шаламанов, економистите Красен Станчев, Евгениј Станчев, тенисерката Мануела Малеева, режисерот Јавор Гардев и советникот на претседателот Жељу Желев за етнички прашања Михаил Иванов.
Од македонска страна членови на клубот се филозофката Катерина Колозова, политикологот Љубчо Петковски, новинарите Маријан Николовски и Столе Наумов, историчарот Драган Зајковски и поранешните премиери Владо Бучковски и Љупчо Георгиевски.
Меѓу основачите се три организации на македонските Бугари – Бугарскиот културен клуб Скопје (БККС), Културно-просветното друштво „Вардар“ и Здружението на граѓани за промоција, издаваштво, иницијативи и меѓународна соработка „Дело“.
Јавноста од Македонија на настанот ќе се приклучи преку интернет од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје на Катерина Колозова.





