Според Законот за Судски совет постапката за утврдување на одговорност на судија е од доверлив карактер и се води без присуство на јавноста, но претседателката на Врховниот суд Беса Адеми неодамна најави дека ќе го искористи правото да побара новинарите и камерите да бидат присутни на седницата.
Судскиот совет со 8 гласа “за“ одлучи седницата која ќе се одржи во петок да биде јавна.
Иницијативата за дисциплинска одговорност со разрешување беше поднесена откако Адеми во интервју за СДК посочи дека судот со којшто раководи се соочува со политички притисоци и закани.
Членот на Советот Миљазим Мустафа на 28 ноември поднесе иницијатива за дисциплинска одговорност на Беса Адеми, откако претходно на трети ноември таа во интервјуто побара одговорност од судии, предупреди на притисоци од функционери и на опасност и закани од разрешување на врховни судии.






