Јаревски: Голем буџетски дефицит, непродуктивни трошења и сомнителни ставки во Предлог Буџетот за 2024 година

За власта развоен, а за опозицијата предизборен поткуп и партиски вработувања. Во Собранието веќе трет ден тече расправата по Предлог-буџетот за 2024-та година. Власта и опизицијата со спротиставени ставови. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека прекројувањето на државната каса носи голем буџетски дефицит, големи непродуктивни трошења и сомнителни ставки кои имаат за цел испумпување на пари од државата.



  • Во овој момент јавниот долг е повеќе од 8 милијарди евра, а со новите кредити кои се земаат секојдневно прашање на време е кога јавниот долг ќе надмине 9 милијарди евра. За потсетување на јавноста, кога СДС дојде на власт јавниот долг беше само 4,7 милијарди евра. Тоа значи дека за 6,5 години јавниот долг е зголемен за 4 милијарди евра т.е. во просек по над 600 милиони евра годишно нови задолжувања. За камати државата плаќа како никогаш до сега и тие ни јадат по една автопатска делница годишно. За камати во 2024та година ќе се дадат 270 милиони евра. До пред само неколку години овој износ беше двојно помалку, под 130 милиони евра, вели тој.

Ова е само дел од податоците за финансиската состојба во која се наоѓа државата. 

  • Во секојдневието се случуваат протести на сите категории на граѓани, студенти, пензионери, администрација, приватен сектор, медицински лица, наставен кадар итн. Се повеќе граѓани осиромашуваат, а речиси 95% имаат понизок животен стандард од пред неколку години. Состојбите се алармантни и токму затоа граѓаните својот спас го гледаат во иселување. Не функционира здравството, образованието, нема безбедност и сигурност, нема правда, има огромна распространета корупција, има сива економија која секојдневно се зголемува, додаваат од опозицијата.

Јаревски додаде и дека добра вест е што за последен пат власта и ДУИ ќе има можност да поднесе Буџет и да ги управува парите на даночните обврзници.

Власта во одбрана на проектираниот буџет вели дека тој е развоен и одржлив кој ги таргетира потребите на граѓаните. Средствата кои се наменети во буџетот за антикризни мерки воопшто не е за поткуп на граѓаните бидејќи такви мерки досега имало неколку, велат од власта. Со овој буџет се испланирани и двата изборни процеса, претседателските и парламентарните избори. Буџетот се очекува да биде донесен најдоцна до крајот на оваа година.