Jанкуловски: Власта не смее да преживее, мора да плати за националното предавство!

„Цената за националното предавство мора да биде наплатена. Потребно е обединување на сите Македонци, да излезат и да ѝ пркосат на власта. Заради опстанокот на државата Македонија.“ – вели универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „ Аџилакот на власта кон анократија и автократија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Јанкуловски пишува: „Протестите сами по себе не се премногу ефикасни во обезбедувањето на лидерите да се откажат од својата моќ. Можеби најдобриот начин да се натера лидерот да го прифати поразот и да се повлече од функцијата е да го направите неговиот излез што е можно полесен и безбеден. Но кај нас тоа не може и не смее да се случи во овој момент. Цената за националното предавство мора да биде наплатена.“

„Поради погазеното национално достоинство, понижениот народ мора да го добие својот праведен надомест низ политиката. А тоа не е можно со безбеден и гарантиран излез на оваа политичка гарнитура од власта. Оној насобран народ од саботата нема и не смее да го дозволи тоа.“

„Уличните протести започнаа како увертира во канализирањето на растечкото незадоволство од практикувањето на власта на оваа политичка гарнитура и тие ќе се интензивираат во наредните денови и месеци. Тоа е оној отворен пркос на народот пред обидот власта да наметне автократско владеење, одбивајќи да се раководи од правилата на демократијата, узурпирајќи го политичкиот простор без поддршка од народот.“

„Колапсот на државата под оваа власт мора да запре. Оваа Влада сè уште се надева дека нејзиниот спас ќе дојде однадвор. Се надева дека оние што ја октроираа ќе ја спасат.Со оглед дека никогаш не го прашувале народот, политичарите од власта мислат дека и овој пат, како многупати досега, ќе ја изиграат неговата волја. Дека преку нелегитимниот мнозински парламент ќе може да ја погазат волјата на мнозинскиот народ и ќе го држат заложник на својата неспособност.“

„Колку пати треба да грешиме, за да ја научиме лекцијата дека на комунистите, па макар и реформирани, не треба да им се верува? А најмалку да им се даде шанса да владеат, зашто нивната власт е опасна авантура за општество. Една едвај ја преживеавме. Вторава изгледа не. Вторава нѐ води на пат на неповратно губење на државата.“

„Предвремените избори се нужни да се прекине демократската парализа на македонското општество. Тоа е последен обид да се запре процесот на националното предавство. Бидејќи луѓето гледаат дека неодговорната власт им дава приоритет на туѓите и личните интереси пред јавните, барањето за демократија на народот станува силно. Одбивајќи да се соочи со народот, оваа власт прави несмасни и очајнички напори да се држи до власта, што лесно може да доведе до радикализација на состојбата во државата и политичко насилство. Како што тргнала, не е исклучено многу брзо и да се случи тоа.“

„Оваа власт не може и не смее да преживее. Практиката покажа дека помалку народ на улица предизвикал промена и предвремени избори, а не пак бројката од минатата сабота. Затоа, сега е моментот притисокот да расте за власта, што мисли дека комунизмот сѐ уште живее во Македонија. Време е да си заминат. Да ги испратиме во историјата. Колку повеќе одложуваат толку ќе биде поболно. Потребно е обединување на сите Македонци, што ја сакаат државата како демократска и независна, да излезат и да ѝ пркосат на власта. За доброто на сите и за опстанок на државата Македонија.“