Јанкуловски: Власта ги замолкнува интелектуалците, кои се спротивставуваат на штетите, што и се прават на Македонија во односите со соседите

„Протестот на интелектуалците ја пренесува сликата на интелектуалците како бранители на правдата, кои ја соочуваат моќта на власта со храброст и интегритет. Група македонски интелектуалци со отворено писмо реагираат до македонската јавност, уште еднаш како многупати досега, по повод ‘заедничката историја’ и заедничкото чествување на Гоце Делчев на Македонија и Бугарија. Потписниците се обидоа да ги искористат своите академски квалификации или професионални достигнувања, за да сугерираат на штетите, што тековната политика ѝ ги прави на Македонија во односите со нашите соседи.“ – вели универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Кога гласот на интелектуалецот исчезнува во политичкиот мрак, демократијата умира со него“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Јанкуловски пишува: „Обидот својот интелектуален авторитет да го спротивстават на тековната политика, дијагностицирајќи ги нејзините слабости и промашувања во односите со Бугарија, како и артикулирајќи идеи што се во согласност со националните, историски и културни траектории на македонскиот народ, не ја доби потребната гласност. Напротив, уште едно во многуте писма до македонската јавност, кое, како и другите, брзо ќе биде заборавено. Прашањето е кој ќе го слушне гласот на интелектуалците? Очигледно дека власта од позиција на моќ и контрола на медиумите ги блокира и ги поништува говорот и знаењето на гласот на интелектуалецот, кој зборува во име на оние што не можат сами да зборуваат.“

„Гласот на интелектуалците се губи во празнината на македонскиот информативен простор, кој повеќе нѐ забавува со глупостите на власта отколку што нѐ информира. Гласот на интелектуалецот во македонското општество не е разбран како глас на ‘граѓанин’, што ја разбира политиката како процес, што вклучува дебата и компромиси, туку како глас што треба да биде сатанизиран зашто се доживува од власта како глас на отпор на тековната политика, глас на апстрактно расудување и спротивставување на безалтернативните европски интеграции.“

„Оние што размислуваат и говорат јавно се маргинализирани како луѓе што тврдоглаво одбиваат да маршираат со власта, или кои ‘нелегитимно’ се обидуваат да увезат во јавната арена грижи и сомнеж за она што го прави власта. Очигледно на оваа власт, па да бидам објективен, на ниедна власт не ѝ се потребни интелектуалци. Зарем може друго да очекувате од држава во која политиката на власта е зандана на слободната мисла и која премногу е валкана и лицемерна за да може да комуницира со јавноста и интелектуалната мисла? Во македонската интелектуална пустина гласот на оние малку ангажирани и критички расположени слободни мислители станува реткост.“

„Времето денес е време на заборавање. Време на колективна амнезија што ни се нуди како пазар за светлата иднина во Европската Унија. Затоа писмата на интелектуалците во Македонија инсистираат да се сеќаваме. Зашто сеќавањето е висок морален чин што бара најголема интелектуална и морална јавност, која власта не може да ја понуди во ваков историски момент. Приватниот живот на умот мора да отстапи место за појавен ангажман со борбите што се случуваат во реалниот свет. А во реалниот свет ние полека исчезнуваме како народ и држава.“

„Затоа, време е неконформистичките интелектуалци да зборуваат за општествените зла, злоупотребата на моќта и егзистенцијалната закана на власта за слободата, демократијата и достоинството. Особено за сеќавањето. Без оглед дали и колку се согласувате со она што го зборува интелектуалната јавност, да не дозволиме гласот на интелектуалецот да исчезне во политичкиот мрак во Македонија. Зашто без него умира демократијата.“ – заклучува Јанкуловски во својата колумна.

Интернет – врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/koga-glasot-na-intelektualecot-ischeznuva-vo-politichkiot-mrak-demokratijata-umira-so-nego/