Професорот Звонимир Јанкулоски во напис за „Нова Македонија“ наведува неколку примери за тоа како држави кои држат до себе и до сопственото достоинство реагираат на изјави од странски амбасадори.
И на коимим напоменуваат дека како суверени земји никој однадвор не може да им дели лекции и да им каже како да живеат…
„Ама затоа ние прифаќаме.
Со радост, внимание и сервилно понизни.
Нашата држава не го третира амбасадорот како „гласник“, посредник, кој објаснува и пренесува пораки меѓу две земји. Кај нас одамна дозволивме амбасадорите да излезат од својата традиционална улога во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи и да функционираат како пропагандисти.
И многу повеќе, тие ја уредуваат нашата внатрешна и надворешна политика и ги насочуваат политичките процеси во државата. Секако, да бидам коректен: со наш недвосмислен благослов. Затоа ќе си земат за право да ни кажуваат дека треба да си го смениме Уставот по диктат на друга држава, како да е тоа најнормална работа во демократскиот свет. Затоа ќе нѐ третираат како недоветни, како племе што заслужува држава каква што тие посакуваат за нас.
И сето тоа изгледа како нормално во држава што глуми дека е суверена. Затоа во ваква сурогат-држава каква што е Македонија не важи изјавата на американскиот демократски сенатор Џин Шахин од 2018 година, дека американски амбасадор треба да биде отповикан доколку не може „да се воздржи од политички изјави“, и дека „[амбасадорите] не треба да се мешаат во локалната или регионалната политика поддржувајќи политички партии, кандидати или каузи“.
Само како споредба.
Еди Рама неодамна му одговори на американскиот амбасадор во Албанија, Јури Ким, дека шефот на СПАК (антикорупциското тело во Албанија) не го избира Владата или амбасадата.
Сепак, пожелно е некогаш да имаш кичма. Во спротивно „затни го носот и голтај“, вели Јанкуловски.







