Јанкуловски: „Политичарите се бескорисни шарлатани, неспособни да ги запрат распадот на државата и колапсот на системот“

„Македонија е не само држава во криза, туку е и држава фатена во надолна спирала на хаосот. Хаосот произлегува од неспособноста на власта да ја реши политичката нестабилност и повторно да ја активира економијата.’ – вели универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Марш на неспособните: зошто македонските политичари се толку бескорисни?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Јанкуловски пишува: „Легитимитетот на државата се поткопува со години со застојот на политичкиот процес, кој е неспособен да создава политики потребни за насочување на државата. Ова сценарио ги поларизира и фрагментира политичките актери и групи, правејќи ги неспособни да го запрат распаѓањето на државата. Со оглед на слабоста на демократските институции, долгата историја на стерилни и бескорисни политичари и неспособноста на сегашните политички институции да ги решат проблемите на земјата, очекувано е системот на крајот да колабира.“

„Македонската политика во моментов е преоптоварена со неспособност, глупост, заситена со неуспех. Таа е навреда на интелектот на обичниот граѓанин. Не паметам дека неспособноста и глупостите на политичарите биле некогаш доволна причина да ги завршат своите кариери. Дури ни нивното коруптивно однесување не било доволна причина да си заминат од политиката.“

„Се случува чудна еволуција на политичарите, нова способност да бидат изложени на јавен срам со недели и да не трпат никакви последици. Можеби тоа има некаква врска со несигурните главни партии, совршено врамнотежени во нивната слабост и нивните колебливи лидери, кои чувствуваат потреба да ја наградат лојалноста наместо компетентноста. Можеби причината поради која политиката е исполнета со неспособни е затоа што медиумите се слаби и политички контролирани.“

„Неспособни политичари – колосални промашувања: фијаското со името, Договорот за добрососедство со Бугарија, економската криза, енергетската неподготвеност, здравствениот ковид ‘геноцид’’, добивање датум за преговори уште пред четири години, а ЕУ сѐ уште да не знае за тоа, брусење на шахтите и што уште не. Политичарите во Македонија се срам за нацијата, штетни, суетни, аморални, неспособни, под секое интелектуално ниво и бескорисни шарлатани. Да беше поинаку ќе живеевме во поинаква држава.“ – заклучува Јанкуловски во својата колумна.

Интернет-врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/marsh-na-nesposobnite-zoshto-makedonskite-politichari-se-tolku-beskorisni/