„Го слушам премиерот на ‘неговата’ држава како говори за нивните постигнувања во политиката, за справувањето со кризата, за нашите надворешнополитички приоритети и ме полазуваат морници, како кога гледате хорор-филм, во кој со секоја следна сцена се приближувате до неминовниот ужасен крај. Или кога влегувате во самопослуга и ги гледате цените на производите. Ужас. И знаете дека ‘неговата’ држава, а мојата Македонија се упатува кон својата најголема политичка, уставна и егзистенцијална криза од независноста, која навестува распаѓање на државата и поделба на земјата.“ – вели универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Големото празно“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Јанкуловски пишува: „Македонскиот политички систем (ако таков воопшто постои во моментов) влегува во криза, за која Уставот не нуди решение. Политичкиот и интелектуален естаблишмент во Македонија го потцени преземањето на власта на селското крило на СДСМ, предводена од несудениот нобеловец од ‘Калиниќ пазарот’, како и неговата способност за манипулации и лаги, за потоа да го потцени до каде е подготвен да оди за да ја задржи власта. .“
„Оваа влада е едно големо празно, без идеи и знаење. Бел лист хартија, што е очајно празен. Како и биографиите на нејзините експоненти во власта. Власта е слика без содржина. Демагогија, недоследност и променливост. Од кого да очекувате промена? Од разнесувачи на пици!? Од средношколци, владини советници во поодминати години!? Од професори-кодоши без референци!? Од новинари- експерти за сѐ!? Од политичари празни во умот!? Затоа и надежта за политички промени е само дел од циклусот на шизофрена експлоатација на кратки сеќавања на гласачите и политичка партизација? Може ли ваква влада некогаш да донесе подобра иднина? Не верувам.“
„Затоа се потребни избори. И тоа итно. Не држи тезата на претседателот Пендаровски дека ‘предвремени избори може да направиме и утре, но што би решиле тие во однос на кризите, со кои се соочуваме’, сомневајќи се ‘оти со предвремените избори би имало деблокада на евроинтеграциите, или промени кај цените на енергија и храна“. Притоа заборави да каже дека изборите сами по себе се промена.“
„Изборите се шанса да се обнови политиката на оптимизам, начин да се победи политиката на потценување на гласачите. Претседателот на ‘нашата’ држава не разбрал дека изборите се неопходни за да се врати моќта кај народот. Онаа моќ со која си поигрува власта сиве години. Во држава каде што власта е неспособна, алчна, корумпирана и ја злоупотребува својата моќ, или ги игнорира потребите на граѓаните, изборите се начин за промена и повикување на одговорност. Затоа предвремените избори би решиле многу за иднината на државата и справувањето со кризите.“
„Се обидувам да ја разберам власта зошто бега од избори. Нашиве политичари од власта никако да слушнат дека народот бара избори. Спречувањето на иднината стана голема причина за политиката на опстанок на оваа власт. Бегајќи од изборите не само што ја носат партијата во пропаст, туку ја носат и државата. Со нив тонеме и ние. Ако некој сѐ уште има дилема дали сме на чекор од бездната, нека продолжи да молчи, да негира, да релативизира и да ѝ дава легитимитет на оваа власт. Со тоа ќе биде соучесник во разградување и уништувањето на државата. Нека се прашува претседателот на државата што ќе сменат изборите. Ако не може да види што ќе променат, нека го праша народот. Оној кој дава и зема во политиката.“
Интернет-врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/golemoto-prazno/





