Екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска која издржува затворска казна од 4 години во затворот „Идризово“ е сместена во соба наспроти онаа во која казна издржува Катица Јанева, некогашната шефица на СЈО, изјави нејзиниот сопруг и правен застапник, адвокатот Влатко Илиевски во синоќешното гостување во „360 степени“ на „Алсат“..



Илиевски вели дека Јанкуловска и Јанева имаат комуникација, но најчесто за дневни потреби, а не во однос на обвиненијата што некогашното СЈО кое ги поднесе против поранешната министерка.

Сопругот на Јанкулоска, на прашањето дали ексминистерката за внатрешни работи чувствува каење за тоа што била дел од систем што ЕУ го нарече „заробена држава“ и што до крај му остана верна соработничка на Никола Груевски, вели:

„…има чувство на каење што не си заминала порано од политиката, бидејќи тој труд и време што го одвојувала за министерството со кое раководела и со ангажманот во партијата, можела да го канализира во други работи со кои денеска би имала полагоден, поубав и комфорен живот“.

Илиевски вели дека од денешна гледна точка може многу полесно да се оцени каква била ситуацијата тогаш, но додава дека кога сте „во машината“, со огромни проблеми на дневна основа, човек не може да ја согледа целата слика и да се повлече од политиката кога е неопходен таков чекор.

„Ако сме реални и искрени, од тие разговори што беа пуштени во јавноста на фамозните прес-конференции на Заев, може да се каже дека единствено Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески се гласот на разумот“, рече Илиевски за „360 степени“.