Јањатов: „Скопје и Софија веќе се договориле, компромисот е пак од Македонија – како само народот да ‘голтне’ без тензии“

„Потврда дека се притиска за нов компромис неодамна стигна од високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел. На тоа се надоврза и Сузане Шуц, директорка за земјите од Западен Балкан при Министерството за надворешни работи на Германија, која откако претходно беше во Софија, дојде во Скопје да види какво е тукашното расположение за отстапки. Таа јасно стави до знаење дека, ако земјава сака да преговара со ЕУ, тогаш ‘некои компромиси ќе бидат неопходни’. Тешкото прашање е: ‘Колку далеку да се оди со компромисот?“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „ЕУ бара ‘бис’ на македонскиот компромис“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Евроемисарите oчекуваат нови отстапки од македонска страна“

Таневски пишува: „Конфликтот во Украина и сè погласните меѓународни пораки за можно дестабилизирање на Балканот повторно го вратија Балканот во фокусот на Брисел. Сакајќи да ја смири безбедносната невралгичност што се појави во регионов, предизвикана од руско-украинскиот конфликт, ЕУ испраќа сигнали и пораки до балканските земји дека не се откажала од нив и дека проширувањето ќе продолжи. Со тоа Унијата се надева дека некако ќе ја смири напнатата атмосфера, што сѐ повеќе се прелева од Украина. Во такви околности, во фокусот на Брисел се враќа и спорот меѓу Македонија и Бугарија, кој притиска земјава да направи нови компромиси и отстапки за да може да ги почне пристапните преговори…“

„Дали некој некого подготвува за нови компромиси?“

„Повторно сето тоа би можело да се скрши врз грбот на Македонија, над која се врши суптилен притисок и напипување на пулсот до каде е подготвена да оди со прифаќањето нови компромиси, бидејќи ЕУ засега се носи со впечатокот дека само на тој начин официјална Софија би можела да го откочи почетокот на преговорите.“
Бугарија не отстапува од декларацијата донесена во нивното Народно собрание во 2019 година, во која е наведено дека тие не прифаќаат македонски јазик и македонски идентитет. Нема никаква дилема дека за нив компромисот треба да се бара во прифаќањето некакви модулации за толкувањето на идентитетот и јазикот, секако во нивна полза. За Македонија е целосно неприфатливо да прави какви било компромиси за идентитетот и јазикот и овој став го запечати и со резолуција во македонското Собрание, поддржана и изгласана од сите политички партии.“

„Сето ова наведува на заклучокот дека без оглед на повеќето пораки што стигнуваат од разни меѓународни емисари, земјава повеќе нема простор да прави никакви компромиси, а најмалку ако тие се однесуваат на идентитетот на македонскиот народ и неговиот јазик. Таков компромис дефинитивно ќе ја запечати судбината на македонската нација и држава.“

„Исцрпени сите можности за какви било компромиси“

За Солза Грчева нема никаква дилема дека Македонија ги исцрпела сите можности за какви било компромиси. ‘Тие преговори со Бугарија се само обична лакрдија. Треба да ги прекинеме и да ги замрзнеме на неодредено време. Нема за што да преговараме. Апсолутно немаме никаков простор за правење некакви компромиси.’ – вели Грчева“.

„Дипломатот Драган Јањатов смета дека постојаното навестување на потребата за некаков компромис, всушност, значи дека компромисот со Бугарија веќе е направен. „Македонската и бугарската страна нешто се договориле, работата е решена. Немам никакви сомневања дека тој компромис повторно го направила само Македонија. Сега треба да го голтнеме тоа. Прашање е како да се протне тоа кај народот со помалку напнатости и со помалку реакции. Затоа тоа се чува во строга тајност. Тие повикувања на нашите челници во Брисел секој трет ден не се бадијала.’ – вели Јањатов.

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/eu-bara-bis-na-makedonskiot-kompromis/