Јањатов: Идеите „Албанец-премиер“ и „Заедница на албански општини“ се процеси за распаѓање на Македонија и создавање „Голема Албанија“!

„Повеќе од 20 години делови од Македонија функционираат како да се делови на друга држава, со истакнување на државното знаме на Албанија пред сите државни институции, како и на приватни објекти, на огромни јарболи покрај клучните сообраќајници, со поставување споменици исклучиво на луѓе што се бореле за албанската кауза, со преименување улици и училишта, со информативни табли на албански јазик, со разни манифестации што се дел од албанската историја, со еден збор во цела западна Македонија се воспоставува симболиката и се забележливи сите белези на друга држава.“ – се наведува во анализата со наслов „Исцртување контури на еден голем етнички и територијален ентитет“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Артан Груби, првиот вицепремиер на Владата: Меѓу Македонија, Косово и Албанија не треба да постои државна граница

Првиот вицепремиер Артан Груби во интервју за една косовска телевизија јасно истакна дека меѓу Македонија, Косово и Албанија не треба да постои државна граница. „Со премиерот на Косово Албин Курти и со Косово нè разделува во овој момент границата меѓу нас, која се стремиме да исчезне. Веќе сме разговарале со Курти најпрвин да ја обединиме границата, а потоа да ја отстраниме целосно, бидејќи не ни треба граница меѓу нас, бидејќи не ни треба ниту граница со Еди Рама. Сакаме да имаме многу почести контакти и разговори. Косово нас нè гледа како помал брат, кој стои до него и до народот на Косово. Косово е дел од нас. Ние сме еден ист народ.“ – рече Груби во скандалозното интервју.

Политиките во Македонија веќе директно ги диктира соседна земја. Во таа насока се и последните нималку наивни најави за формирање заедница на албански општини, чија единствена цел е територијално поврзување со соседна Албанија, со што на сцена стапува првата фаза на бришење на границите преку таканаречената прекугранична соработка. Под превезот на истата таа прекугранична соработка, општините од западниот дел на Македонија ќе почнат да се поврзуваат со општините во соседна Албанија, но и со оние на Косово, со инфраструктура, со комунални проекти, со трговија, култура. На тој начин де факто нема да постои границата и прашање на време е кога ќе се побара и отстранување на пограничните објекти, а сето тоа зад параванот на поголема регионална соработка и отворени граници. Обединувањето на сите Албанци во земја без граници е остварување на нивната големодржавен стремеж, чии контури беа исцртани уште со Призренската лига во 19 век.

За поранешниот дипломат Драган Јањатов нема никаква дилема дека работите се одвиваат во несакана насока и за нашата држава, а и за сите граѓани на Македонија. „Со оваа идеја за Албанец премиер и заедница на албански општини, сè упатува на тоа дека во тек се процеси, што водат кон конечна промена на карактерот на нашата држава, потоа нејзино распаѓање и на крајот создавање голема држава на Балканот. Тие соништа од минатото никогаш не престанаа да се сонуваат, бидејќи Илирида постои во нивните агенди и тие систематски работат на остварување на тој проект.“ – вели Јањатов.