„Крајно лицемерно е што политичките претставници на Албанците не се загрижени, што со уставните измени целосно се загрозуваат идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ, но се навредени од формулацијата ‘20 отсто’ во Уставот, со која точно се одредува каде може да се употребува албанскиот јазик како втор официјален јазик во државата.“ – се вели во анализата на новинарот Сашо Таневски со наслов „Застрашување со експлозија, а сега и со имплозија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Кога надворешниот притисок за уставни измени не е доволен се активира и внатрешната закана
Покрај другото, во анализата се изнесува: Сега повторно кога Македонија се соочува со невиден притисок однадвор да го менува Уставот, Албанците изнесуваат нови условувања и барања. Овојпат опозициските албански партии бараат, покрај внесувањето на Бугарите во Уставот, да се избрише формулацијата „20 отсто“ за албанскиот јазик. Во спротивно се закануваат дека нема да поддржат уставни измени. Тоа е лицемерна уценувачка политика.
Дали надворешниот притисок е координиран со внатрешни елементи, кои ја користат целата ситуација за етнички придобивки на сметка на иднината на македонскиот народ? „Албанските политички партии во Македонија секогаш ги користат клучните моменти за иднината на државата, за да уценат, да извлечат максимум. Сите етнички погодности ги добиле преку притисоци и уцени. Тоа го прават само примитивните, а примитивни се и едните и другите.“ – вели поранешниот дипломат Драган Јањатов.
Цената ќе ја платат само македонскиот народ и македонската држава, која има унитарен карактер
Некои од политичките аналитичари го делат истото мислење со Јањатов, констатирајќи дека партиите на Албанците сакаат да профитираат пред своето гласачко тело без оглед на цената, што ќе ја плати македонскиот народ.
„Без оглед што со овие уставни измени се загрозува идентитетот на македонскиот народ, пратениците-Албанци ќе кренат две раце, за да се впишат Бугарите во Уставот. Со нивното однесување покажуваат дека сакаат да издејствуваат бенефиции за својата етничка заедница на туѓа несреќа. А тоа го прават само да им се додворат на своите гласачи. Уцените овој пат доаѓаат од албанската опозиција, оти и таа игра исклучиво на националистичката карта. Во целата оваа ситуација на притисоци и директни примери за бугарските нечесни асимилаторски намери меѓу македонското малцинство во Албанија тие и натаму не покажуваат никаква грижа за своите сограѓани -Македонци, туку гледаат да добијат колку е можно повеќе повеќе за себе.“ – посочуваат соговорниците.




