Поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, 59-годишниот Чедомир Јаневски, стана дел од Стручниот штаб на Јужна Африка, во кој ќе му биде асистент на новиот „изборник“ Хуго Брос на негово барање.
„Тој е од Македонија, но веќе 25-30 години живее во Белгија и женет е со Белгијка. Зборува англиски, француски и холандски, па нема да има проблем со јазикот. Нема да има проблем ни со искуството. Беше тренер на Бриж, мислам пред речиси 20 години, кога го освои Купот, беше тренер во Грција, селектор на репрезентацијата на Македонија. Затоа, сметам дека тој е искусен тренер. И морам да кажам и да бидам искрен, тој ми е пријател и мислам дека работењето заедно ќе биде 100 проценти. Го познавам многу долго и многу сум среќен што Федерацијата прифати да го земам овој тренер со мене. Мислам дека ќе пристигне до крајот на следната седмица“, им го опиша Јаневски на новинарите новиот селектор на ЈАР.
Јаневски в сабота последен пат ќе го води Олимпијакос од Никозија против Анортозис во финалето на Купот на Кипар.
Играчката легенда на Вардар и некогашен дефанзивец на СФР Југославија и потоа на Македонија, заедно со уште еден помошник од домашните тренери, ќе ја води селекцијата на ЈАР на две пријателски средби во почетокот на јуни, во отсуство на Брос, кој на 4 јуни мора да ја прими втората доза на антиковид-вакцина во Белгија.
Јужноафриканците ќе стартуваат во одложените мундијалски квалификации во септември со гостувањето во Зимбабве и потоа домашниот дуел со Гана.






