Додека можам да бидам специјален јавен обвинител ќе останам до крај, не поради тоа што сакам, туку затоа што сметам дека заслужувам да бидам на чело на оваа институција, изјави денеска шефицата на СЈО, Катица Јанева.
За барањето на ВМРО-ДПМНЕ за нејзино разрешување Јанева оцени дека е политичка изјава која, како што рече, „ниту држи вода, ниту е на место и нема основа“.
„Мене не може да ме сменат, затоа што во законот нема персонални решенија. Се знае што се пишува во закон, ако сме писмени во Македонија за да сфатиме дека тоа не се пишува во закон“, рече Јанева.
Согласно Законот за СЈО мандатот на Јанева истекува во септември, но обвинителката рече дека повторно ќе конкурира да биде специјален јавен обвинител, пренесува ТВ24.





