Јанев: „Првин раскин на Преспанскиот, па гласање за ‘Македонија’ во Генералното собрание на ОН – може да помине“

„Обединетите нации деновиве го усвоија официјалното барање на Анкара Турција отсега да биде Туркије (Türkiye). Што би се случило, ако некој од надлежните во земјава побара таа во Обединетите нации да биде запишана како ‘Македонија’, без придавки и додавки? Иако се согласуваат дека теоретски сосема е изводливо Македонија да си го врати името, сосема се различни очекувањата на упатените дека тоа би можело да се случи.“ – се вели во анализата со наслов „Државите се ребрендираат, останува ли Македонија ‘северна?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



„Откако Турција ги извести Обединетите нации дека си го менува името“

„Нова Македонија“ пишува: „Случајот со Македонија е специфичен, бидејќи целата работа, под притисокот на Грција, се водеше на поинаков начин, што е преседан во историјата на Обединетите нации. Обединетите нации во сите други случаи го следат меѓународното право, кое дозволува секоја земја сама да си го избира името. Во нашиот случај важеше законот на посилниот, зашто Грција ја имаше позицијата од која можеше да уценува. Од нашата страна немаше сили, ниту обезбедена поддршка, да се одговори на соодветен начин. Нешто слично би се случило повторно, ако некој реши да побара бришење на ‘северна’ од називот на државата. Тоа прво би морало добро да се осмисли, да се организира, да се лобира, да се реализира… Тоа не би го дозволиле големите сили, меѓу нив и ЕУ, кои беа гаранти на договорот за промена на државното име.’ – изјави некогашниот прв амбасадор на Македонија во Грција, Љупчо Арсовски.“

„Професорот Звонимир Јанкулоски е поголем оптимист во однос на очекувањата за успех при евентуално поведување таква процедура. ‘Сега некој да реши да побара да нѐ запишат под името ‘Македонија’ во Обединетите нации, тоа може да помине и никој не може да го оспори тоа, бидејќи правилата се такви што таму само се констатира промена на името, зашто државите се суверени во тој поглед.’ – смета Јанкулоски, аргументирајќи го тоа и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011 година, по тужбата што Македонија претходно ја поднесе против Грција.“

„Изјаснувајќи се во полза на Македонија по основа на сите три точки наведени во тужбата, судот констатира дека Македонија може да го користи уставното име во меѓународни организации, но тоа, како што е познато, не беше реализирано, по што следуваа многубројните блокади и долготрајните и мачни преговори, кои завршија со потпишувањето на Преспанскиот договор и со придавката ‘северна’ пред државното име, а потоа и со неговото внесување во Уставот.“

„Поразлично од Турција, но и Македонија може од ОН да побара враќање на старото уставно име“

„Универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград Игор Јанев, смета дека Македонија треба да се држи исклучиво до почитувањето и строгата примена на меѓународното право и на тој начин да побара враќање на името. Тој појаснува дека одлуката да се врати името ‘Република Македонија’ во Генералното собрание на ОН може да помине со просто мнозинство и никој не може да ја спречи.“

„Пред да се изнесе предлогот за продолжување на членството во ООН под ‘Република Македонија’ треба да се раскине Преспанскиот договор. Потоа, во Генералното собрание би следело гласање за Резолуцијата за продолжување на членството во ООН под „Република Македонија“, со просто мнозинство од присутните и оние што гласаат. Овде нема право на вето.’– вели професорот Јанев.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/drzhavite-se-rebrendiraat-ostanuva-li-makedonija-severna/