Јанев: „Како не ја препозна Шолц нелегалната асимилаторска политика на Бугарија во условите за ЕУ-датумот?!“

„Негирањето на националниот идентитет е апсолутно нелегално дејство и претставува етноцид, при што истото тоа е дел од надворешната политика на Бугарија кон Македонија. Како не можеше германскиот канцелар Шолц да ја препознае асимилаторската политика на Бугарија во условите одредени од оваа земја, во контекст на условувањето за датум за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ?! Зарем обидот за асимилација преку наметнатите услови, кои претставуваат класични уцени испорачани од Бугарија, сега преку согласноста на Шолц, го прифаќа и ЕУ?!“ – се наведува во анализата на Сашо Таневски со наслов „Германски канцелар и неуспешен ЕУ-алхемичар“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Ако се согласува со бугарските барања, Олаф Шолц флагрантно го прекршува меѓународното право“

Таневски пишува: „Последната посета на германскиот канцелар Олаф Шолц на Македонија, но уште повеќе изјавите што следуваа подоцна за време на неговата посета на Бугарија, предизвикаа силни реакции кај македонската јавнос. Тој во Скопје тврдеше дека ќе се заложи за почеток на преговорите, но во бугарската престолнина порача дека Македонија мора да ги исполни сите бугарски услови, ако сака да ги почне пристапните преговори со Европската Унија.“

„Со ваквиот настап Шолц се стави во позиција на заштитник на бугарските интереси. Истовремено покажа и основно непознавање на меѓународното право бидејќи инсистирањето на исполнување на бугарските услови, всушност, значи еклатантно прекршување на основните принципи на меѓународното право. Врз Македонија се врши силен притисок да ги прифати бугарските барања, иако тие се во целосна спротивност со меѓународните правни норми. Од друга страна, ѝ се дозволува на Бугарија, како земја-членка на ЕУ, постојано да го крши меѓународното право и да не ги почитува одлуките на меѓународните институции.“

„За универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград Игор Јанев е нејасно како германскиот канцелар не ги познава основните принципи на меѓународното право и дозволува Бугарија да наметнува вакви нерационални и меѓународноправно неиздржани условувања. Јанев е уште повеќе изненаден зошто вакво непознавање покажува и самата ЕУ.

„Шолц би требало да знае дека асимилацијата е нелегална во меѓународното право, секогаш и независно од контекстот, историскиот или кој било друг. И негирањето на националниот идентитет е секогаш нелегално и претставува етноцид, ако е дел од надворешната политика. Како не можеше Шолц да ја препознае асимилаторската политика на Бугарија во условите одредени од оваа земја во контекст на добивањето датум за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ!’ – појаснува професорот Јанев.“

„Професорот Јанев: ‘Не смееме да направиме уште еден ‘храбар чекор’ и да ја прифатиме бугарската идентитетска спогодба –компромис“

Според Јанев, Шолц и ЕУ не ја разбираат вистинската природа на проблемот и на тој начин го прекршуваат меѓународното право, прифаќајќи ги и грчките, а сега и бугарските условувања. ‘Според ЕУ, ‘рсм’ треба да направи уште еден ‘храбар чекор’ и да ја прифати бугарската идентитетска спогодба – компромис, исто како што беше направено порано со Преспанскиот договор. Во ЕУ немаат разбирање на меѓународното јавно право, бидејќи не сфаќаат дека каков било идентитетски договор секогаш не е легален и по својата природа, на долг рок, не е применлив во пракса. Идниот бугарски компромис/договор би претставувал самонегирање на сопствениот идентитет и бугаризација на народот. Ова е неприфатливо. Како може ЕУ да претпоставува дека ние ќе се откажеме од тоа дека сме Македонци и како мисли ваквиот акт да се реализира во пракса?’– нагласува професорот Јанев.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/germanski-kancelar-i-neuspeshen-eu-alhemichar/