Мора итно да се реагира за ситуацијата со блокиураната сметка на Град Скопје и за ситуацијата со опожарениот мост кај Ист Гејт, рече советничката во Град Скопје, Љубица Јанчева од редовите на СДСМ во синоќешното телевизиско гостување на Телма.



„Ние побаравме вонредна седница по информацијата дека една од сметките на Град Скопје е блокирана. Тоа е прашање за кое час поскоро треба вонредна седница. Нашето барање, согласно деловникот, беше потпишано од најмалку една третина членови на советот. Доставено беше во понеделникот, а уште нема абер“, рече советничката во Град Скопје од СДСМ, Љубица Јанчева во „Вин-вин“ на Телма.

„Потребна е вонредна седница и за мостот кај Беласица исто така час поскоро“, рече Јанчева според која ден претѕходно добиле информација дека најран термин за вонредна седница е 27 мај.

Советничката истакна дека Советот на Град Скопје треба да дискутира, да донесе заклучоци и да даде задолженија на градоначалничката во врска со опожарениот мост.

„Час поскоро треба да добиеме одговори и да се почне со санација на мостот“, рече Јанчева, која додаде дека не може градоначалничката да се обвини за пожарот, но тоа не значи дека Град Скопје не треба ништо да прави.