Јакимовски потврди дека Фатмир Етеми ќе гради огромна зграда во Козле, тврди дека нема личен финансиски интерес

Лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски не демантира и со тоа ги потврдува информациите дека според новиот ДУП во Козле Општина Карпош бизнисменот Фатми Етеми добил зголемување на квадратура за речиси 5000 квадрати кои вредат околу 8 милиони евра според пазарни цени.



Јакимовски реакцијата ја упатува до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски иако Мицкоски не го спомена за случајот во Козле каде градоначалникот на Карпош се соочи со незадоволни граѓани кои се противат на новиот ДУП со кој ќе загубат парк, детско игралиште и зеленило а Етеми ќе добие огромен профит.

Јакимовски реагира на прашања на Твитер во кои се гледа што треба да добие Етеми на предлог на Јакимовски.

Инвеститорот Етеми ќе заработи цирка 8 милиони евра ако во Козле мине ДУП-от на Јакимовски (ТВИТ НА ДЕНОТ)

„Христијан, не можам да поверувам дека интелектуалец, универзитетски професор ќе биде толку расипан. Да праќаш на седница на Советот да се собираат граѓани за да создаваат хистерија во која вие, немајќи аргументи, ги повикувате наводно граѓаните на помош. Всушност, сценарио и режија на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ под твое раководство. Кога немаш аргументи, и Путин со тенковите да го викнеш, џабе ти е. Аргументите велат Јужниот булевар е планиран од 1964 година и сè што таму е изградено (шеталиште, фонтана, детско игралиште, урбана опрема, дрвореди) е на трасата на Јужниот булевар. Вие ги лажевте граѓаните дека јас сум тој што сакам да рушам нешто што сам сум го изградил иако и Јужниот булевар и неговата сервисна улица ја одредил Коце Трајановски, а ја потврдил Миле Јанакиески“, вели Јакимовски во својата реакција.

Лажевте, додава лидерот на ГРОМ, дека ќе се градат пет згради, а вистината е дека ќе се гради една зграда и таа е предвидена со претходните два плана. Интересно е што сте направиле есап колку пари ќе заработел Фатмир Етеми. И тоа наводно не го правиш ти есапот, туку некојси твитерџија, крајно сурово и простачки, а целта ти е јасна зошто го правиш есапот.

Јакимовски вели дека никогаш на луѓето не им правел пресметки колку ќе заработат нити сега знае колку пари ќе заработи Етеми.

„Нивни пари вложуваат и со среќа нека им биде. Вие му правите есап на заработката за да пресметате колку да му земете мито или како што тоа вие у жаргон го велите, да го ‘чарџате’. Вашата весела математика вели дека ќе заработел осум милиони евра. Се поставува прашање дали јас имам интерес од изградбата на оваа зграда. Јас личен интерес немам, но имаат граѓаните и општината. Да се наплатат комуналии од кои ќе реновираме училишта. ќе градиме градинки, катни гаражи, ќе правиме фасади, ќе даваме стипендии на ученици итн. Толку за зградата во населба Козле“, појаснува Јакимовски.

Повеќе за обвинувањето на Јакимовски кон Мицкоски на Макфакс.