Јачева – Улчар: Каков легитимитет има Советот за македонски јазик ако тројца членови се против едностраната декларација на владата

Expres.mk побара мислење од професорката Елка Јачева Улчар од Институтот за македонски јазик за денешното соопштение на Советот за македонски јазик кое доаѓа дури три дена по владината скандалозна објава.



Улчар Јачева смета дека соопштението е релативно коректно но тоа не е идентично со декларацијата на владата за јазикот.

Посебно прашање е зошто владата не го консултирала Советот кој има улога да биде нејзино советодавно тело.

,,Сево ова што стои во соопштението од Советот за македонски јазик е во согласност со науката за македонскиот јазик, освен, она што се однесува на Третата конференција на УНГЕГН, која е една обична техникалија, и нема никаква врска со признавање, па макар и како што се вели во соопштениево – административно, со оглед на тоа што македонскиот јазик е впишан во Организацијата на Обединетите нации уште со ратификацијата на Повелбата на Обединетите нации од страна на тогашната Демократска Федеративна Југославија, во која постојат три службени јазици: српскохрватски, словенечки и македонски.

Оваа декларација е потпишана на 19.10.1945, а Југославија се јавува како една од 50-те земји основачи на Организацијата на Обединетите нации. Од ова произлегува дека македонскиот јазик е присутен во ООН уште од самиот почеток на формирањето на ООН, и само неколку месеци по неговата кодификација.

Друго е сосема прашањето за тоа што ова соопштение доаѓа пост фестум и што Советот за македонски јазик, кој е формиран 1998 година како советодавно тело на Владата за прашања од македонскиот јазик, не било претходно консултирано за тоа што да содржи Унилатералната изјава. Зашто, како што кажав, во неколку интервјуа досега ваков важен документ за Македонија и Македонците требаше да биде еднозначен, јасен и прецизен, без можности за различни толкувања и интерпретации”, вели за expres.mk Улчар Јачева која има прашање поврзано со начинот на кој Советот донесол одлука за реакција имајќи предвид дека тројца негови членови се против владината декларација.

,,И последно – нешто што мене ме интригира е кои членови на Советот, од вкупно 9 од кои двајца пензионери и една новинарка, даваат поддршка на Унилатералната изјава, со оглед на тоа што тројца негови членови (директорката на Институтот за македонски јазик и двајца од Катедрата за македонски јазик), според преписката што ја имавме пред да го објавиме нашето соопштение (кое денес има 2500 гласови на поддршка) се потпишале „ЗА“ Унилатералната изјава”, вели Улчар Јачева за expres.mk.

Поврзана вест

Советот за македонски јазик на Људмил Спасов ја ,,уништи” владината ,,Еднострана изјава” за македонскиот јазик