Елка Јачева-Улчар, научен советник/редовен професор во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, жестоко реагира на бришењето зборови од електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик.
„Претседателот на Советот за македонски јазик (Људмил Спасов – н.з.) и директорката на Институтот за македонски јазик (Елена Јованова-Грујовска) – срам за македонистиката! Лојалноста спрема партијата поголема од професионалната етика и посветеност. Личниот интегритет нема да го коментирам!“, објави на Фејсбук авторката на речничката одредница „Циган“, која е избришана од Речникот со објаснување дека била навредлива за Ромите.
Јачева-Улчар нагласува дека од неа не била побарана согласност за тоа.
„Ни притисоци ни бутур ни јавувања ни барање согласност. Јас сум автор на речничката одредница Циган, да ми прости невладината организација Аја. Ноќеска видов го тргнале. Во печатената верзија стои. Таму не се трга толку лесно – ништо. Освен ако не се подложи на спалување. И ова го дозволува истата тројка, инаку водечка во Советот за македонски јазик, што во не толку далечната 2015 здушно го оневозможуваше излегувањето на Правописот на македонскиот јазик!“, објаснува професорката во друг статус на својот ФБ-профил.






