Гимназијалката Тијана Силјаноска од СОУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид вчера не полагаше државна матура, бидејќи страна на Училишната матурска комисија не била пријавена за полагање во Државниот испитен центар (ДИЦ), објави МИА.
Од ДИЦ појаснуваат дека согласно законските и подзаконските акти за реализација на државната матура, учениците пополнуваат пријава во училиштата каде што се запишани најдоцна до 31 декември во тековната година.
Потоа следува процес на внес на податоците во база од страна на училишните матурски комисии, обработка на податоци и доставување на списоци со кандидати од страна на ДИЦ до училиштата најдоцна до 15 февруари.
Училишните матурски комисии списоците со кандидати ги проверуваат и доколку имаат направено грешки ги корегираат и истите со потпис и печат од училиштето ги враќаат во ДИЦ.
„Во случајов од страна на комисија на СОУ „Свети Климент Охридски“ од Охрид така е и постапено, односно списоците се вратени со потпис и печат, но немаат направено корекции дека ја имаат испуштено матурантката Тијана Силјаноска“, се вели во соопштението од ДИЦ, пренесе МИА.







