Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ја одби “Северна” на Заев во резолуцијата

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да ја менува Резолуцијата за црвените линии со Бугарија со додавање на зборот Северна
одлучило раководството на партијата на синоќешната седница на Извршниот комитет.



Позицијата е донесена по условот од премиерот Заев дека СДСМ ќе ја поддржи Резолуцијата ако го содржи новото име „Република Северна Македонија“, а не негова кратенка или старото име „Република Македонија“.

ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати една одлично структуирана Резолуција, да стане предмет на партиски калкулации и пазарења, велат од партијата на Мицкоски.

“Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ останува на предложениот концепт за единство на сите политички партии, зад текстот кој е создаден и напишан од врвните научни, образовни и општествени институции МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА. Фактот што СДСМ одлучи да го промени својот став по трет пат и да отвора теми кои не се поврзани со содржината на резолуцијата, за жал ги ослабнува позициите на Македонија во било какви идни разговори со Бугарија”, изјави Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.

На оваа одлука реагираа од СДСМ од каде прашуваат дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја предлагаат Резолуцијата за да се усвои или за да заглави во формални процедури заради нивниот лажен патриотизам?“.

Од владејачката партија, додаваат дека одредбите на македонскиот Устав не може да се почитуваат селективно.

Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ минатата недела влезе во собраниска процедура, но нејзината судбина останува неизвесна откако Заев побара наместо с. Македонија во неа да стои целото ново уставно име.