Израелски војници убиле тројца израелски заложници во Газа на 15 декември, кога за нивните повици за помош помислиле дека се измама на милитантите на Хамас да ги вовлечат во заседа, јави Ројтерс.
На 15 декември војската веднаш ја презеде одговорноста за убиството на тројцата заложници, кои беа киднапирани од милитантите за време на нападот на Хамас на 7 октомври врз градовите во јужен Израел. Тие беа меѓу 240-те луѓе земени како заложници од палестинската група.
Израелската војска ги објави своите наоди вчера и заклучи „дека немало лоша намера во настанот, а војниците ја извршиле вистинската акција најдобро што можеле …во тој момент“.
Убиството на тројцата заложници кога им се приближиле на израелските војници во областа Шеџаја во градот Газа, ги шокираше Израелците.
Истрагата покажа дека, за време на интензивните денови на борби, немало разузнавачки информации кои укажуваат на тоа дека заложниците биле држени во згради каде што војниците наишле на силен оган.
Војската соопшти дека снимката покажала дека заложниците ги извадиле кошулите и дека еден од нив вее бело знаме, но тие биле идентификувани како заложници дуриоткако биле прегледани нивните тела.





