Екстремно десничарскиот министер за финансии на Израел, Безалел Смотрич синоќа во Париз го негираше постоењето на палестински народ и рече дека концептот бил измислен пред помалку од 100 години.
„Нема Палестинци затоа што нема палестински народ“, рече Смотрич на настан во француската престолнина, пренесуваат медиуми.
Концептот, рече Смотрич, го измислиле „некои Арапи во регионот за да се борат против ционистичкото движење“. „Оваа историска вистина мора да се слушне низ целиот свет, вклучувајќи ја и Белата куќа во Вашингтон“, додаде тој.
„Нема палестинска историја. Нема палестински јазик“, продолжи Смотрич во обраќањето на хебрејски.
Според него, луѓето како него и неговите баба и дедо се „вистински Палестинци“ и истакна дека неговото семејство живее во регионот веќе тринаесет генерации.







