Министерот за надворешни работи на Израел го обвини генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш дека ја поддржува палестинската терористичка група Хамас и повика на негова оставка, пренесува Times of Israel
Тој го обвини Гутереш дека неговиот мандат како шеф на светската организација е „опасност за светскиот мир“, во жестока реакција во средата на Писмото Гутереш во кое ген-секот на ОН инсистира на итен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас и побара интервенција на Советот за безбедност.
Ели Коен рече дека повикот на Гутереш за прекин на огнот во двомесечната војна во Газа, предизвикана од злосторствата на Хамас на 7 октомври во јужен Израел, „претставува поддршка“ за палестинската терористичка организација и е „поддршка за убиството на постарите лица, киднапирање бебиња и силување жени“.
Во нападот на Хамас на 7 октомври, околу 3.000 терористи упаднаа преку границата во јужниот дел на Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и запленети околу 240 заложници…
Гутереш кој постојано повикува на прекин на огнот во војната што се развива, во средата се обрати со Писмо до 15-члениот Совет за безбедност согласно член 99 од Повелбата на ОН за прв пат откако го презеде кормилото на светската организација од 193 члена во 2017 година.
Тоа е, исто така, првпат некој генерален секретар да го искористи тоа од 1989 година. Споменатиот член му дозволува на генералниот секретар да го повика Советот за секое прашање за кое тој верува дека го загрозува меѓународниот мир и безбедност.
Гутереш смета дека хуманитарните услови во Газа среде војната меѓу Израел и Хамас „брзо се влошуваат во катастрофа со потенцијално неповратни импликации за Палестинците како целина“.
Гутереш рече дека очајните услови во палестинската енклава и рушењето на јавниот ред ќе ја оневозможат хуманитарната помош.
Тој предупреди на „ уште полоша ситуација, вклучително и епидемии и зголемен притисок за масовно раселување во соседните земји“.
„Меѓународната заедница има одговорност да го искористи сето свое влијание за да спречи понатамошна ескалација и да стави крај на оваа криза“, рече Гутереш.






