Израел: Подготвени сме за војна

Израелската армија соопшти дека е подготвена за војна, откако Хамас со 5.000 ракети најави почеток на „воена операција“ против Израел, јавуваат светските агенции.



Израелските одбранбени сили објавија дека гаѓаат цели на Хамас во Газа како одговор на денешните напади врз Израел.

Исламистичкото движење Хамас утрово го изврши најголемиот напад врз Израел во последните години, отворајќи жесток ракетен истрел од Појасот Газа, додека вооружените напаѓачи ја преминаа границата.

Додека се слушаа предупредувачки сирени низ јужен и централен Израел, вклучувајќи го и Ерусалим, израелската војска соопшти дека е подготвена за војна, а премиерот Бенјамин Нетанјаху свика итен состанок на безбедносните службеници.

Инцидентот е најсериозен откако Израел и Хамас водеа 10-дневна војна во 2021 година, при што израелските медиуми известуваат за вооружени судири меѓу палестинските милитантни групи и безбедносните сили во јужните израелски градови.

За време на денешните напади, според две болници, ширум Израел се повредени најмалку 100 луѓе.

Командантот на Хамас Мохамад Деиф најави почеток на „воена операција“ против Израел, повикувајќи ги Палестинците насекаде да се борат.

„Ова е денот на најголемата битка за ставање крај на последната окупација на земјата“, рече тој, додавајќи дека биле истрелани 5.000 ракети.

Според службите за итни случаи, во ракетните напади загинала една Израелка, а 15 се повредени. Израелската војска соопшти дека нејзините сили дејствуваат во Газа, но не наведе детали. Палестинските медиуми објавија дека голем број Израелци биле заробени од борци, а медиумите на Хамас објавија видео на кое очигледно се гледа уништен израелски тенк.

Министерот за одбрана Јоав Галант одобри мобилизација на резервисти и прогласи „специјална безбедносна операција“ во радиус до 80 километри од Појасот Газа за да може израелската армија подобро да ги заштити цивилите.