Завршија интензивните борби на израелските вооружени сили против исламистичката група Хамас на северот на Појасот Газа, соопшти израелското Министерство за одбрана.
Интензивната фаза на копнената офанзива на југот на крајбрежната енклава во областа на градот Кан Јунис наскоро ќе биде завршена, изјави во понеделникот израелскиот министер за одбрана Јоав Галан, пишува The Times of Israel.
„На крајот на војната, нема да има воена закана од Газа. Хамас нема да може да контролира и да функционира како воена сила во Појасот Газа, а израелската војска ќе има целосна слобода на дејствување да направи се што е неопходно за одбрана на граѓаните на Израел“, рече Галан.
„Иако периодот на интензивни борби наскоро ќе заврши, вооружените сили мора да продолжат со воениот притисок за да обезбедат ослободување на преостанатите израелски заложници во Газа“, рече тој.
„Доколку дојде до прекин на огнот, судбината на заложниците ќе биде запечатена многу години во заробеништво на Хамас“, рече Галан.
„Без воен притисок, никој нема да разговара со нас. Само од позиција на сила може да се ослободат заложниците“, рече тој.
Меѓународниот притисок врз Израел постојано се зголемува за да се намали интензитетот на нападите и да се избегнат масовни цивилни жртви за време на нападите во Појасот Газа.






