На вчерашен ден пред 20 години Мајка Македонија пролеа горки солзи откако терористите на ОНА ја минираа и целосно уништија манастирската црква „Свети Атанасиј“ во далеку прочуениот Лешочки манастир под Шар Планина, пишува профилот Мајка Македонија на Фејсбук чија објава ја пренесуваме во целост:
Лешочкиот манастир е православен манастирски комплекс, кој претставува најголем духовен центар во Тетовско.
Манастирот е сместен во природен амбиент во близина на селото Лешок, на надморска височина од 610 метри. Во комплексот се наоѓаат црквите „Св. Атанасиј“ и „Св. Богородица“, како и гробот и спомен собата на Кирил Пејчиновиќ кој е еден од најпознатите македонски преродбеници од XIX век
За време на воениот конфликт во Македонија, на 21 август 2001 година манастирот беше разрушен. Уништувањето на манастирот предизвика широка реакција во Македонија и светот. Чинот на рушење бил споредуван со настаните од Авганистан, кога Талибанците ги уништувале будистичките храмови во земјата.
Со силна детонација во 3 часот утрото, црквата била разрушена до темел, со минирање. Останал само нартексот од западниот дел и скоро целиот западен ѕид од наосот. Двете куполи на нартексот исто така останале. На јужната купола биле видливи конструктивни пукнатини. Од експлозијата сè било уништено, освен неколку фрески на светители. Исто така, оштетени биле и манастирските конаци, изградени во XIX век од јеромонахот Езекил. Конаците претходно било неколкупати поправани и санирани, а целосна санација била извршена во периодот од 1993 до 1996 година. Како резултат на експлозијата, биле настанати значителни оштетувања на кровната конструкција и на фасадата. Поголеми оштетувања имало на прозорците: искршени биле стаклата и руинирани цели прозорци.
Просториите во приземјето и на катот од конаците биле значително оштетени, особено градежната столарија. Било извршено ограбување на сите вредни работи од конаците, меѓу кои и предмети од историска вредност. Капелата во чест на светите Кирил и Методиј, во манастирскиот конак, била обиена и имала оштетувања од детонацијата, на малтерот на плафонот. Полиелејот бил искршен и неупотреблив. Четири престолни икони биле оштетени, а украдени биле и Светите Садови од Светата Трпеза.
Во кругот на манастирскиот двор бил оштетен и гробот на архимадритот Силвестер и гробот на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ. Не била поштедена ниту новата летна трпезарија, која била обиена и покрадена.
Иако разурнат, манастирот сепак на 28 август 2001, бил посетен и во него прославен празникот на Успението на Пресвета Богородица, но не со зурли и тапани, туку со солзи. Некои од посетителите ги завиткувале парчињата скршени црковни камења во крпи и ги земале со себе деловите од она што некогаш било фасада или фреска од свет храм, другите ги бакнувале урнатините клекнати на колена, трети ги бришеле солзите од жал и јад.
Црквата „Свети Атанасиј“ беше реконструирана со истиот камен користен во нејзината првична изградба. Камењата беа сочувани и нумерирани со помош на националниот Институт за заштита на културното наследство, кој направи детална студија за проектот. Обновата на ѕидот и фасадата се изврши со помош на Европската агенција за реконструкција во Македонија.
НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ






