Претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска, побара од претседателот Пендаровски да не го потпише Указот на Законот со кој се овозможува изградба на автопати со договор во 4 очи, и најави дека доколку го потпише ќе биде даден на Уставен суд.
Во наредниот период треба да се конституира Комитет за преговори со стратешкиот инвеститор „Бехтел и Енка”, а услови за тоа се создадени откако Собранието по скратена постапка завчера го изгласа Законот за таа намена,
Од Кабинетот на Претседателот вчера соопштија дека Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија и дека „…зЗаконот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник или пратеничка група не гласале против“.
Во образложението на мислењето на ДКСК за овој закон, меѓу другото, стои дека се крши со Устав загарантираната слобода на пазарот и на претприемништвото и обврската на државата да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и е во директна спротивност со обврската на државата да презема мерки против монополската положа и однесување на пазарот.
Во законот, смета ДКСК, постојат правни празнини кои оставаат отворен простор за субјективизам, арбитрерност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при конституирањето на Комитетот за преговори, а на сметка на стручноста, компетентноста и професионализамот.
„Овој Комитет е клучниот фактор за утврдување на договорот со стратешкиот партнер и недозволиво е од аспект на одредбите на Законот за спречување корупција и судир на интереси да се остави таква недореченост, правна празнина во однос на составот, квалификациите и стручното портфолио на членовите“, рече претседателката на ДКСК, која по потпишувањето на Указот, за МИА потврди дека мислењето што го изготвија за законот ќе го достават до Уставниот суд.
Владата на 31 март годинава потпиша Меморандумот за разбирање со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан на Коридорот 8, како и Прилеп – Битола на Коридор 10 д. Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер.
За компанијата „Бехтел и енка“ поврзани се бројни скандали за вакви слични договори во Косово, Романија и Хрватска, потсетува МКД.МК.






