Изгласани новите четири министри во Владата на Ковачевски

По речиси двонеделна дебата, амин од Собранието добија четирите нови имиња во владиниот кабинет на Димитар Ковачевски по рокадата во која Алијанса за Албанците ја замени Алтернатива во парламентарното мнозинство.



Со 65 гласа „за“, Фатмир Меџити стана нов министер за здравство и Кренар Лога за правда, а еден глас помалку доби Азир Алиу, кој ќе го предводи Министерството за администрација и информатичко општество, сите тројца од партијата на Арбен Таравари.

Маја Шукова од СДСМ, пак, доби 65 гласа за нова министерка за животна средина и просторно планирање.

Меџити доаѓа на местото на Беким Сали, Лога го наследи Никола Тупанчески, Алиу ќе продолжи таму каде што застана Адмирим Алити, а Шукова ќе раководи наместо Насер Нуредини.

Новото собраниско мнозинство ги разреши и досегашните заменици-министри Абдулшуќур Абедини за земјоделство, Љуљзим Алиу за образование и наука (двајцата од Алтернатива) и Башким Хасани (ДУИ) за одбрана. Претходно, оставка дадоа замениците-министри Владимир Рендевски од СДСМ за здравство и Агим Нухиу од ДУИ за правда. Нивните места ќе бидат пополнети на продолжението на седницата закажано за денеска (вторник) од 14 часот.

За назначувањето на триото од Алијанса на местата на претходниците од Алтернатива и на предложената министерка од СДСМ наместо досегашниот од ДУИ немаше воздржани, ниту гласови против.