Изгласана обврската за маски на отворено и кога сте сами, отпадна контролата по домовите

Со 53 гласа „за“, 26 „воздржани“ и ниту еден „против“, Собранието вечерва на пленарна седница ги усвои измените во Законот за заштита на населението од заразни болести.



Главната новина е обврската за носење маски на отворено и кога сте сами, од што исклучок се лицата кои активно спортуваат, децата под 6 години и лицата со посебни потреби.

Маска не мора да носат лица од едно семејство во ист автомобил и возач сам во возило.

Казните остануваат исти: 20 евра за неносење маска, а 50 евра за непочитување на изолацијата.

Се воведува и забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот, како и задолжителна самоизолација од моментот на закажување на тестот до моментот на добивање на резултатите. Ако тие се позитивни, лицето останува во изолација.

Не е прифатен предлогот од Комисијата за заразни болести за контрола во домовите на граѓаните и за казни ако има повеќе од четири гости.

Измените на Законот стапуваат во сила веднаш по објавувањето во „Службен весник“ вечерва или утре.