Изетбеговиќ: Исламските земји да се вклучат во БиХ за да го намалат влијанието на САД

Лидерот на водечката бошњачка партија за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, во интервју за „Ал Арабија“ повика на посилно вклучување на исламските земји во БиХ за да се надмине Западот предводен од САД, обвинувајќи го за работи во интерес на Хрватите и Србите, пренесе Индекс.хр



„Западот помага да се решат работите со компромис на наша штета. Затоа е потребно посилно влијание на исламските земји за да се создаде рамнотежа. Исламските земји треба посилно да застанат покрај нас. Да покажат поголема загриженост“, рече Изетбеговиќ на меѓународен арапски информативен телевизиски канал финансиран од Саудиска Арабија.

Тој додаде дека ситуацијата во политиката денес е слична на онаа од војната кога Западот воведе ембарго за оружје, поради што Бошњаците не можат да се одбранат.

За најновиот развој на настаните ја обвини американската администрација која, како што тврди, ја фаворизира српската страна поради војната во Украина.

„На прво место се САД кои сакаат да ги стабилизираат односите на Балканот одејќи во корист на силните за сметка на помалите народи“, истакна Изетбеговиќ.

По последните избори, партијата на Изетбеговиќ се најде надвор од власта на ниво на државата и ентитетите на Федерацијата Босна и Херцеговина.

Изетбеговиќ има теорија дека во тоа посредувала меѓународната заедница предводена од САД и високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит.

„Тие решија де факто да ја тргнат од власт најсилната партија босански муслимани, да донесат алтернатива од бошњачкиот корпус што ќе направи отстапки на српската и хрватската страна кои станаа агресивни“, рече лидерот на СДА.