Владата на синоќешната 68. седница донесе Уредба со законска сила за изборите на 15 јули.



Кампањата за предвремените парламентарни избори во земјава, според член 5 од Уредбата, ќе почне на 24 јуни и ќе трае 20 дена. Државната изборна комисија (ДИК) е должна да го предаде изборниот материјал на општинските изборни комисии најдоцна до 96 часа пред денот на одржување на процесот на гласање.

На 13 јули (понеделник), според Уредбата, ќе гласаат лицата во домашен карантин поради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат.

На 14 јули ќе гласаат немоќните и хронично болни лица, како и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат ден пред одржување на изборите.

Гласањето на изборите на 15 јули ќе почне во 7 часот наутро и ќе биде продолжено за два часа од досега вообичаеното, односно непрекинато ќе трае до 21 часот.

Министерството за здравство, согласно утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, се задолжи да обезбеди маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.