Поглаварот на ИВЗ, Реисул-Улема Х. Селејман ефенди Реџепи испратил писмо до претседателот на Собранието, до претседателот на Владата и до Комисијата за односи со верските заедници во кое се наведува дека „ИВЗ по долго и трпеливо чекање, се обраќа за итно да се преземат соодветни мерки за конечно да се вратат имотите“.



Како проблем ИВЗ ги посочува Хусамедин пашината џамија во Штип, која била заведена на име на друга верска заедница, нерешавањето на статусот на верските објекти во село Лажец Битолско, како и со реконструкцијата на Али пашината џамија во Охрид.

ИВЗ дава рок од 10 дена да се решат проблемите со овие наведни имоти, а доколку тоа не се случи „со проблемот ќе бидат запознаени надворешни фактори во земјата и медиумите“.

„Бараме итна заштита од ваквата дискриминација со тоа што ќе престанат сите незаконски дејствија на државните органи против ИВЗ и граѓаните од муслиманска вероисповед како нејзини членови, и ефикасна заштита на нашите имотни интересни права. Пред почетокот на кампањата за претседателските избори, поради големиот притисок од страна на муслиманските верници ќе бидеме принудени во 700 џамии во земјава да ги информираме верниците за оваа долготрајна дискриминација што се врши кон ИВЗ и нејзините членови, со сите последици врз општествените односи во земјава“, се истакнува во писмото потпишано од поглаварот на ИВЗ.

Од Владата одговорија дека уцени и закани не прифаќаат и ја  повикаа  ИВЗ проблемите да си ги реши на суд ако има сомнеж дека некоја институција ги прекршила законите.

„Според Уставот, Република Северна Макеоднја е секуларна држава, а оваа извршна власт никогаш нема да преземе чекори со кои би ги манипулирала верските чувства или би се мешала во односите внатре во верските заедници или помеѓу нив – стои во реакцијата од Владата.

Од Владата размислуваат за уцените и заканите да го известат јавното обвинителство.