„Додека државниот врв деновиве почнува да сфаќа оти системот е во застој, што граѓаните веќе одамна го чувствуваат, експертите објаснуваат дека проблемот не е само во тоа дали и кога ќе се дооформи Уставниот суд, туку многу подлабоко, земајќи го предвид начинот на кој тој досега функционираше, како и односот што носителите на извршната и на законодавната власт го имаат кон него.“ – се наведува во анализата со наслов „По уставната криза следува системска парализа“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Долгогодишната тешка состојба во правосудството го достига врвот во Уставниот суд“
Во статијата, која ја објави „Нова Македонија“, пишува: „Уставното судство во светот, без оглед на тоа кој модел се применува, го подразбира највисокиот дострел во супремацијата на Уставот и на уставното уредување врз парламентот, извршната власт, политичките партии, уставноста и законитоста на изборите и референдумите, остварувањето на уставноста и законитоста, сите оние што сметаат дека им се повредени загарантираните човекови права и слободи, одделните акти, постапувањата и непостапувањата на државните органи, органите на локалната самоуправа, правните лица или на други субјекти што вршат јавни овластувања.“
„Но, во Македонија подолг период таа функција е блокирана. Повеќе од една година во составот на Уставниот суд има само четворица членови, наместо девет. Образложението на претседателката на собраниската комисија за избори и именувања Марија Георгиева за продолжението на седницата на споменатата комисија, во врска со изборот на уставни судии, може да се квалификува како трагикомична гротеска. ‘Поради обврски на членови на комисијата надвор од државата и поради закажани пленарни и седници на комисии не беше закажано продолжението на седницата за избор на уставни судии. На претходната седница беа доставени девет предлози за уставни судии, три од мнозинството и шест од опозицијата. Биографиите на предложените кандидати се доставени до пратениците и очекувам дека расправата ќе биде конструктивна.’ – изјави Георгиевска.“
„Чиј интерес е целокупниот систем да биде на ‘стаклени нозе“?
Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, споредувајќи ја ситуацијата со вкупната состојба во општеството, ја оквалификува како крајно несериозна. „Уставниот суд не ја остварува законитоста и уставноста на државата. За тоа е е виновно Собранието, бидејќи речиси една година го одолжува изборот на новите уставни судии, заради партиски цели. Целокупниот систем, вклучувајќи го и Уставниот суд, е ставен на ‘климави нозе’ токму поради интересите на политичките партии и нивните калкулации – објасни Ивановски.“
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/po-ustavnata-kriza-sleduva-sistemska-paraliza/





