Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски го продолжи својот успешен настап со пласман во четвртфиналето на челинџерот во романскиот град Јаши, кој се игра на земјени терени и за награден фонд од 118 илјади евра.
Ивановски, неделава 370. на АТП-листата во сингл, повторно славеше со пресврт и одново против домашен претставник, овојпат против Филип Кристијан Јану (312.), победувајќи го со 3-6, 6-4, 6-3 по два часа и шест минути игра.
Јану е третиот Романец елиминиран од првиот македонски рекет на „Конкорд Јаши опен“ по Дан Томеску (439.) во квалификациите и Давид Јонел (192.) во првото коло на главниот турнир, оставајќи го домаќинот без ниту еден претставник по две одиграни кола во главната конкуренција.
Следен ривал на 19-годишниот тениски бисер од Македонија в петок од 12 часот ќе му биде Стивен Диез (278.) од Канада, кој беше подобар со 6-3, 6-4 од Хуан Пабло Фицович (249.) од Аргентина.






