Антикорупциска отвори повеќе предмети, разговаравме за повеќе појави кои што му тежат на ова општество. Направивме повеќе анализи од кои што излегоа повеќе препораки и тие беа упатени до соодветните институции кои што требаше да ги имплементираат.
Но, за жал, имплементацијата на нашите препораки е на многу ниско ниво, не е ниту една третина, вели претседателката на ДКСК, Биљана Ивановска која ја прозва власта да одговори за оценките во Извештајот на ЕК дека нема прогрес во борбата против корупцијата и исполнетоста на само 10% од препораките на Антикорупциската комисија.
Ивановска: Не треба да сме изненадени од лошиот Извештај на ЕК
Ивановска вели дека ДКСК подготви и Национална стратегија, стратешки пристап во борбата против корупцијата, како превентивен орган.
„Во таа национална стратегија ги детектиравме проблемите, мерките, активностите кои што одредени институции требаше да ги споведат и точно се знаеше кој, кога и што треба да направи. За жал извештаите што ги направивме за 2021 и 2022 г. покажуваат дека 20, односно 10% од активностите се спроведени што е многу ниско ниво, или нема прогрес.
Последното скалило од оценките на ЕК е дека одиме назад.
Значи ова е аларм со сите црвени светла. Значи или ќе се одбиеме од дното да зачекориме по вистински пат или ќе продолжиме да тонеме и тогаш веќе ќе забележат дека одиме назад – вели Ивановска во гостувањето во Тема на денот на Сител ТВ.
Прашана кој е мотивот на ДКСК да продолжи со работа, ако со измените на Кривичниот законик дојде до застарување на повеќе случаи на висока корупција и злоупотреба на службена положба, Ивановска подвлекува дека Антикорупциска е превентивен орган и не е нивна работа да судат, ниту да делуваат репресивно, туку, вели, тие се „доктори за систематски преглед“.
„Не може некој што прави систематски преглед да биде и хирург. Хирургот е обвинителот, односно судијата.
Од тука сакам да кажам дека е неминовно да постојат вакви институции кои што ќе укажуваат, но системот е поставен така што остануваат понатаму во синџирот други институции што треба да постапуваат по нашите укажувања. Крајната цел на нашата работа е подобрување на системот на контроли, намлаување на ризиците од корупција. Во Националната стратегија сме ги детектирале ризиците од корупција, а најсилен ризик од корупција е политичкото влијание. Кога политичкото влијание би се намалило би оставило простор да дишат институциите. Тоа значи вработување и определување на висока раководна структура по институциите врз основа на мерит и ветинг систем, а не врз основа на диксреционите овластувања кои црпат моќ од политичките ситуации“, вели претседателката на ДКСК.
Таа потврди дека правосудството како ризичен сектор е дел од Националната стратегија за борба против корупцијата на ДКСК, и посочи на резултатите од нивната анализа за корупцијата во овој сектор, од која вели, произлегоа значајни резултати меѓу кои влијанија врз судиите од судии на повисок ранг – претседатели на судови и на Судскиот совет, како и недостиг на интегритет на Судскиот совет, врз основа на кои се предвидени соодветни чекори.







