„Тоа никаде не постои во закон. Дури, во претходниот закон стоеше дека следува казна доколку му се дозволи на некој да полага пред време!“, реагира шефицата на Антикорупциска дека поранешни министри имале дискрециско право да даваат некому право предвремено да полагаат правосудни испит.
„Значи, нема простор за дискрециско право. Дискрецијата сама по себе создава многу непријатности и е основен извор на корупција затоа што дозволува да дојде до израз моќта на поединецот, суетата, влијанието од политиката итн. Затоа нашата заложба е да се минимизираат дискрециските права и да има објективен начин и за следење, и за покажување…„ вели Ивановска.
Антикорупциска ја отвори темата за Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието, кој положил правосуден испит пред да ги заврши студиите на Универзитетот на Југоисточна Европа.
„Ние ја отворивме темата, откривме дека тој универзитет каде што завршил прв степен на студии синот на претседателот, во четири години има издадено 449 такви уверенија за тригодишно образование со степен VII/1, што не соодветствува.
… Цело време кажувам со какви ограничени ресурси работиме и не можеме понатаму да истражуваме“, вели Ивановска.
Од Министерството за правда претходно изјавија дека документите за положени испити се чувале само една година што оневозможува ДКСК да утврди кога некој дипломирал и дали претходно – без диплома – положил правосуден испит како во случајот Џафери.







