Ивановска му ги наброја предметите на Абази кои треба да ги извади од фиока

Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, синоќа на Алсат ТВ му порача на новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, да не ги чува во фиока предметите кои се поднесени од страна на „Антикорупциска“.



– Имате повеќе случаи. Имате за поранешниот министер за култура кој потпиша неовластени буџетски средства. Имате двајца генерални секретари од Владата кои потпишаа договори за авторски права, имате директор на агенцијата за филм, имате директор на јавно претпријатие за спортски објекти и мислам дека го имате ректорот на најголемиот универзитет во државата. Значи имаме многу пријавени иницијативи, поконкретно за кривично гонење, кои ги доставивме до обвинителството, за кои се уште чекам и не заборавајте, го имаме предметот кој е од извонредно значење за јавниот интерес и тоа е случај Холидеј Ин. Значи тој предмет сега ќе биде две години во јавното обвинителство со сите докази испратени таму и се уште чекаме одговор и веќе размислуваме да испратиме претставка до Советот јавни обвинители да вршат надзор над работата на обвинителот, што го спречува обвинителот да излезе со одлука на јавното обвинителство, за сите кои биле вклучени во процесот на одобрување на деталниот урбанистички план кој се реализира е спротивно на генералниот урбанистички план и има негативно влијание врз животната средина, набројуваше првиот човек на ДКСК.

Ивановска имаше свое мислење и за самиот начин на избор на функција каква што ја има Абази, како што вели таа, без критериуми како што се работна програма или претходно искуство.

„Сите бевме зачудени од изборот на тој јавен обвинител, уште повеќе што оттогаш сите ги разбравме актуелните правни слабости во самиот закон, бидејќи за изборот на таа функција на тој јавен обвинител не се бара ниту програма за работа, ниту квалитетите на претходни искуства и одработени случаи од тој обвинител. Едноставно, пред малку кажа обвинителот дека транспарентноста е она што треба да му помогне на целиот процес. Можеби треба да се размислува во таа насока за секој обвинител и јавно да се каже работи на тие, тие предмети, има толку многу обработени предмети, колку работел, за да избегнете ризик од влијание, за оние предмети што се во тек. Јавноста беше затекната со тој избор, бидејќи не беа земени предвид квалитативните критериуми“, изјави Ивановска во студиото.