Претседателот Ѓорге Иванов до Собранието врати уште пет закони, со што вкупниот број укази на закони што шефот на државата одби да ги потпише надмина повеќе од 20, вклучувајќи ги и двотретинските закони. Меѓу последните вратени закони се за антидискриминација, за електронски комуникации и за ОТА.
Од СДСМ обвинија дека со тоа Иванов се потврдил како кочничар на реформскиот процес, јавува Макфакс.
Од кабинетот на претседателот велат дека противуставно на незаконски начин без потпис од претседателот во „Службен весник“ веќе беа објавени укази за прогласување на закони донесени од Собранието.
„Оттука, никој не го спречува Собранието да го повтори веќе направаниот преседан“, велат од кабинетот на претседателот Иванов за „Канал 5“.
Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците во „Службен весник“ беше објавен без потпис од Иванов.





