Известувајќи за приемот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов од вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул, бугарскиот портал за религија „Двери“ тврди дека шефот на македонската држава го уверил домаќинот оти ја охрабрува МПЦ-ОА за дијалог со СПЦ.



„Претседателот го уверил патријархот Вартоломеј дека ја охрабрува Македонската православна црква да најде решение за својот канонски проблем во дијалог со Српската патријаршија, земајќи ги предвид очекувањата и желбите на верниците и од двете цркви. Тој ги поздрави настојувањата на патријархот за зачувување на единството на православните цркви, како и за заштита на христијанските вредности во дијалог со другите традиционални христијански конфесии“, пишува „Двери“.

Ваквата информација за содржината на разговорите на Иванов со Вартоломеј, од која испаѓа дека шефот на македонската држава има поинаков поглед за решавањето на статусот на МПЦ-ОА, која од БПЦ бара да ѝ стане црква-мајка, не соодветствува со соопштението од Кабинетот на претседателот.

„Претседателот Иванов, упатувајќи честитки по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, ги поздрави активностите и напорите на вселенскиот патријарх за обезбедување поголемо единство во православната екумена и за помирување на христијанството со другите религии.

‘Во време кога светот се соочува со тешки предизвици, потребна е заедничка посветеност и заложба во одбраната на христијанските вредности и принципи, кои настојуваме да ги споделуваме во духот на дијалогот и меѓусебната почит’, истакна македонскиот претседател.

На средбата беа разменети мислења за повеќе актуелни теми од заемен интерес‎.

Двајцата соговорници разговараа за прашања поврзани со статусот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Претседателот Иванов истакна дека МПЦ-ОА е жива црква, додека вселенскиот патријарх изрази надеж дека прашањето ќе се реши. Претседателот Иванов упати покана до вселенскиот патријарх да ја посети Република Македонија по повод одбележувањето на големиот јубилеј – 1.000 години од формирањето на Охридската архиепископија“, стои во соопштението за вчерашната средба на Иванов со Вартоломеј.

Грчкиот портал за религија „Вима ортодоксијас“, пак, нагласува дека средбата се случила вчера попладне, а не во понеделникот, кога Иванов бил примен од Вартоломеј по босанскиот претседател Младен Иваниќ (а не како што пишува „Двери“, по украинскиот претседател Петро Порошенко). Порталот додава дека Иванов бил придружуван од неговите сопруга и син, од соработници и од амбасадорот на земјата во Анкара, како и дека „тој беше топло пречекан од страна на Цариградскиот патријарх Вартоломеј, дискутираа на различни теми и си разменија честитки и подароци за Велигден“.

Иванов е во Турција, каде што ќе учествува на 21. Евроазиски економски самит.