Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, преку писмена изјава го коментира вчерашното објавување на Законот на јазици во Службен весник без негов потпис.
„Доцна синоќа имавме можност да го видиме вистинското лице на владината коалиција на СДСМ и ДУИ која себеси се смета за проевропска. Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потписна указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни. Со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење“, се вели во писмената изјава на шефот на државата.
Според Иванов ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото.
„Се прашувам, дали високите претставници на меѓународната заедница, кои ја поддржуваат оваа владина коалиција, ќе се јават и ќе го поддржат овој начин на донесување на закони? Дали ќе ги поддржат овие преседани, што носат несогледливи последици и штета по правото и правната држава и дали вакви преседани применуваат во сопствените држави“,вели претседателот на Република Македонија.





