Иванов: Без почит кон минатото, нема ни подобра иднина

„Највозвишена цел на еден народ е да создаде своја држава. Само оние народи кои формирале своја држава ја реализирале слободата со тоа што станале самодоволни, се вели во честитката на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов по повод денешниот Ден на македонската револуционерна борба.



„23 Октомври 1893 година е клучен момент во македонската револуционерна борба за остварување на таа возвишена цел. Пред точно 125 години неколкумина храбри Македонци го формираа Македонскиот револуционерен комитет кој на народот му даде надеж дека со свои сопствени сили може да биде свој на своето. Неброени македонски патриоти ги положија своите животи за остварување на овој идеал.

Денес, нивниот сон за слободна и независна Македонија е реалност. Но, слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Затоа, обврска на нашата генерација е да не дозволиме нашата слободна и независна држава Република Македонија да биде обезличена

(…)Народот секогаш ги слави храбрите, а историјата ги презира страшливите и поткупливите. Без почит кон минатото, без свој идентитет и самосвест ниту има просперитетна сегашност, ниту ќе има подобра иднина. Секоја генерација има своја борба и свој стремеж. Нашиот стремеж е кон подобар и подостоинствен живот, тука, во Република Македонија“, се вели меѓу другото во честитката на Иванов.