Трите управни судијки Лидија Ивановска, Тања Терзиева и Едита Насковска ја уважија тужбата на експретседателот на државата, Ѓорге Иванов, по пријавата на антикорупциската комисија во врска со унапредување на армиски генерали за време на изборите.
Причина за поништувањето на решението на ДКСК е тоа дека немало докази дека за време на избори, на унапредените генерали им биле исплатени повисоки примања, но и поради фактот што Иванов немал можност да се брани во контрадикторна постапка, а не му било доставено решението, туку само објавено на веб-страницата на комисијата, јавува а1.он .
ДКСК поднесе прекршочни пријави против претседателот Ѓорге Иванов за указите од 25 февруари, со кои, тој го унапреди началникот на Генераштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски, во чин генерал-потполковник и изврши промена на три командни генералски места во АРМ.
По ова Иванов преку aдвокатското друштво Лазов и Бадева, поднел тужба на решението на Државната комисија за спречување на корупцијата, а судот го поништил решението на антикорупционерите.
Ова не е единствен случај на Антикорупциска против поранешниот шеф на државата.
Антикорупциска отвори предмет и за трошоците на поранешниот претседател за канцеларии во „Џеваир“ комплексот.





