Не можеме да бидеме мирни со ваков тип на коалициски партнери. Така Тошко Јорданов од „Има таков народ“ го коментираше одржувањето на вчерашниот коалициски совет во Софија на тема Македонија, пренесе БГНЕС.
Тој вели дека довербата е падната од повеќе причини: ПП (владејачката Продолжуваме со промените) си дозволи да одржува состаноци и да прави разговори што не требало да се случат… Факт е дека ставот на „Има таков народ“ е непроменет и тоа е потпишано во коалицискиот договор.
Пратеникот од партијата на Слави Трифонов вели дека бил направен обид да се заобиколи коалицискиот договор и да се започне процесот на приклучување кон РСМ без никакви практични гаранции за спроведување на договорот потпишан меѓу двете земји.
„Со овие коалициски партнери ова може да биде актуелно денес. Додека не заврши јуни, не можеме да кажаме како ќе постапат“, додаде Јорданов.
Се трудиме да работиме врз основа на потпишаниот коалициски договор. Ако го почитуваат – нема проблем, но ако го прекршат , тогаш проблемот е кај нив и ќе имаат последици, рече Јорданов пренесува БГНЕС.
Тој оценува дека „исклучително е тешко да се даде зелено светло на РСМ за преговори со ЕУ во рок од три недели. Еврокомесарите можат да имаат секакви очекувања, дел од администрацијата на ЕУ е свесен за проблемот и нема такви очекувања, така што јавното говорење и реалноста се две различни работи“ рече Јорданов од ИТН.






