Македонија и Албанија веднаш да почнат преговори за членство во Европската унија и да се измени системот на одлучување заради надминување на блокадите во вид на вето, побара италијанскиот премиер Марио Драги од говорницата на Европскиот парламент.



„Прагматичен федерализам“ со рационализирано донесување одлуки што ќе се ослободи од ветото на земјите-членки, кои во моментов честопати ги блокираат ставовите на мнозинството, е одговорот на Драги за „несоодветната“ реакција на Унијата кон безбедносната, хуманитарната, економската и енергетската криза предизвикана од воената интервенција на Русија во Украина.

„Ова е почеток на патот што ќе доведе до ревизија на договорот. И ако тоа биде случај, треба да го прифатиме“, рече тој, поздравен со аплауз од европратениците.

„Треба целосно да ги интегрираме земјите кои имаат европски аспирации“, додаде поранешниот директор на Европската централна банка, нагласувајќи ја поддршката на Италија за „итно отворање на пристапните преговори“ со Македонија и со Албанија, како и за засилени преговори со Косово и со Босна и Херцеговина.

„Ние сме за влез на сите овие земји во Европската унија, а исто така сакаме Украина да биде членка на Унијата“, рече тој.