Европската унија треба да формира своја комбинирана армија која би можела да игра улога во одржувањето на мирот и спречувањето конфликти, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, јави Ројтерс.



Во интервју за италијанскиот весник Ла Стампа, Тајани рече дека поблиската европска соработка во одбраната е приоритет за партијата Форца Италија што тој ја предводи.

„Ако сакаме да бидеме мировници во светот, потребна ни е европска војска. И ова е основен предуслов за да можеме да имаме ефикасна европска надворешна политика“, рече тој во интервјуто објавено во неделата.

„Во свет со моќни играчи како САД, Кина, Индија, Русија – со кризи од Блискиот Исток до Индо-Пацификот – италијанските, германските, француските или словенечките граѓани можат да бидат заштитени само со нешто што веќе постои, имено Европската унија“, додаде тој.

Европската одбранбена соработка стана дел од политичката агенда по целосната инвазија на Русија на Украина пред речиси две години.